Доларот Повисоk од Еврото

На светските берзи, вредноста на доларот во однос на останатите валути силно порасна минатата недела бидејќи американскиот ФЕД повторно агресивно ги зголеми каматните стапки, па еврото падна на најниско ниво во последните 20 години, далеку под еден долар. Индексот на доларот, кој го покажува движењето на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела порасна за 3 отсто на 112,96 поени, а во еден момент, за прв пат по 20 години, се проби над нивото од 113. поени.

Во исто време, доларот скокна за 3,2 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 0,9690 долари, најниско ниво во последните 20 години. Сепак, курсот на доларот ослабе во однос на јапонската валута, за 0,3 отсто, на 143,30 јени.

Скокот на индексот на доларот втора недела по ред е благодарение на дополнителното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. По дводневната седница, ФЕД во средата ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, трет пат по ред, на опсег од 3 до 3,25 отсто, што е нивно највисоко ниво од 2008 година.

Бидејќи инфлацијата во САД се приближува до највисоките нивоа во повеќе од 40 години, централната банка најави натамошни зголемувања на цената на парите. Така, според проценките на првиот човек на ФЕД, каматните стапки до крајот на оваа година би можеле да се зголемат на 4,4 отсто, а до крајот на следната година на 4,6 отсто. Тоа значи дека до крајот на оваа година ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки за уште 1,25 процентни поени, а во следната година за 0,25 поени.

Ваквото брзо зголемување на каматните стапки, кое започна во март годинава, претставува најагресивно зголемување на цената на парите од 1990 година, кога ФЕД почна да ја користи каматата на заемите преку ноќ како основна алатка на монетарната политика.

Истражувањето на S&P Global покажа дека деловните активности во еврозоната повторно паднале во септември, трет месец по ред, според индексот на менаџери за набавка (PMI). „Многу е веројатна рецесија во еврозоната“, заклучи економистот на S&P Global, Крис Вилијамсон.

Слична е ситуацијата и во Британија, па минатата недела курсот на фунтата потона за повеќе од 3 отсто, на 1,0840 долари, најниско ниво во последните 37 години.Минатата недела британската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,50 процентни поени, седма сесија по ред, и објави дека економијата веќе веројатно е во рецесија.

Иако рецесијата и се заканува на американската економија, „доларот навистина делува како „рај“ во моментов, повеќе од кога било во последните неколку децении, бидејќи војната во Украина и нејзините последици не влијаат на домашните цели во САД“, вели Хуан Перез, директор за тргување во Монекс САД.

Така минатата недела продолжи подемот на американската валута. Од почетокот на годината, доларот зајакна за околу 16 отсто во однос на кошничката валути, па така е на пат кон најголемата годишна добивка барем од 1970-тите.

Превземено од НЕЗАВИСЕН