Народна Банка на Република Северна Македонија и Нејзините Обврски кон Крипто-Средствата

Тековно, Народната банка нема надлежност да го регулира создавањето, поседувањето или тргувањето со крипто-средствата од страна на домашните економски агенти. Таа нема никаква надзорна улога во врска со крипто-средствата, независно дали станува збор за нивно стекнување преку процес на т.н. „рударење“ (англ. mining) или за вложување во нив. 

Воедно, Народната банка тековно нема активности за издавањето сопствена дигитална валута (дигитален денар). Народната банка го издава денарот како суверена валута во Република Северна Македонија и преку постојано исполнување на својата основна цел – одржување на ценовната стабилност, непосредно овозможува македонскиот денар да ги поседува трите карактеристики на суверена валута – медиум за размена, единица за пресметка и чувар на вредноста.

Дали Може да се Плаќа со Крипто Валути во Република Северна Македонија?

Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со крипто-средства. Согласно со постојната регулатива, плаќањата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Безготовинските плаќања во земјава се вршат во денари преку трансакциска сметка на учесниците во платниот промет во земјата.

Платен Промет со Странска Држава При Вложување Резиденти во Крипто Валути – Средства

Согласно со постојните меѓународни препораки, имајќи предвид дека работењето со криптосредства не претставува конвенционално вложување во регулирани финансиски средства, туку најчесто купување произведено нефинансиско, нематеријално средство, домашните овластени банки треба да ги сметаат ваквите трансакции во платниот промет со странство како тековни трансакции помеѓу резиденти и нерезиденти. Треба да се има предвид дека оваа материја е променлива и е предмет на постојано следење, поради што и тековните препораки може да бидат променети.

Согласно со Упатството на Народната банка за начинот за вршење на платниот промет со странство за плаќање на нерезидент врз основа на тековна трансакција се бара документ од којшто може да се утврди основ и обврска за плаќање во странство, оттука при купувањето криптосредства од страна на резидентите, со оглед на нивната специфичност, домашната банка треба да определи кои документи ќе ги смета за доволни заради постапување согласно со регулативата. Како соодветен документ може да се смета и налог за извршување трансакција даден од резидентот, или договор или друг документ со кој може да се потврди трансакцијата.

При вршењето на плаќањето / наплатата треба да се користи шифрата на основ 112 (увоз / извоз на стоки) предвидена во Шифрарникот на основи за плаќања и наплати којшто е составен дел на Упатството за начинот за вршење на платниот промет со странство.

Од аспект на приливите за резидентите од продажба на криптосредства во странство, домашната банка треба да примени постапка за директна наплата, односно да ја одобри трансакциската сметка на резидентот корисник на наплата, доколку располага со претходна писмена информација добиена од корисникот на наплатата за видот на трансакцијата и бројот на трансакциската сметка на која треба да се одобри наплатата, без притоа да се бараат посебни документи.

Превземено од Народна Банка на Република Северна Македонија